Ги задолжува ли оваа власт идните влади? Операција стар долг во ново пакување!
За 14 месеци се издадени државни обврзници во вредност од 200 милиони евра кај кои веќе е забележлива, ако не и доминантна тенденција на враќање од 10 до 15 години.
Владата за седум месеци позајмила 50 милиони евра во форма на државни обврзници чиј рок на враќање е до 10 години и најчесто е токму 10 години, покажуваат официјалните податоци кои можете да ги проверите на интернет страницата на Народната банка на Македонија на следниов линк http://www.nbrm.mk/?pmenu=do
Од крајот на октомври лани до 3 мај годинава, за само 7 месеци Владата се задолжила за 3,054 милијарди денари (околу 50 милиони евра) преку инструментот државни обврзници на аукции што ги организира Народната банка на Македонија. Корисник на средствата е Владата. Банките за овие позајмици добиваат камати кои се движат од 4,3 отсто до 3,7 отсто на годишно ниво. А нивните пари ги заменуваат со државни обврзници за кои добиваат камати кои се значително подобри од каматите што банките ги даваат на граѓаните за нивните депозити. Рочноста на враќање на долгот се движи од три години , во најмал број случаи, до десет години во значаен број на аукции, па до 15 години односно до 2031 година.
Според позначавачите, во тек е интензивна операција на народски кажано препакување на државниот долг од актуелниот што доспева на отплата со долг созначително подолг рок на отплата. Со љубезниот речник на банкари и економски аналитичари во тек е преструктуирање на државниот долг со цел да се постигне подобар баланс и да се зголеми капацитетот и способноста на враќање на обврските односно да се обезбеди подобра позиција на државата спрема своите кредитори.
Во првите 10 месеци лани банките купиле од државата обврзници вредни 10,4 милијарди денари (околу 150 милиони евра). Што значи дека во тој период државата на пазарот на среднорочни и на долгорочни инструменти (до 10 години рочност) се задолжува во просек по една милијарда денари просечно месечно!
Ова значи дека за 16 месеци Владата се задолжила, во најголема мерка на долг рок и тоа 10 години отплата, на износ од 200 милиони евра.
Споредбата на достапните податоци покажува дека во 2013 година и во 2014 година трендот бил во најголема мерка обврзниците да се издаваат со рок на отплата на пет години. Во 2015 година и во 2016 година тој тренд, во поголема мерка, се заменува со обврзници кои се издаваат на подолг рок и тоа често со рок на отплата од 10 години, а има случаи и со рок на отплата на 15 години!
Дали е ова признание дека на краток рок Владата во голема мерка ги исцрпе можностите за покривање на ликвидност преку краткорочни заеми од домашните банки? И дали по трендот на таканаречено преструктуирање на краткорочниот во долгорочен долг некои работи ќе се променат во македонската макроекономска политика и дали тоа може да се одрази на стабилноста на нашата монетарна политика?
Дали ќе имаме евтини достапни средства за задолжување?
Останува да видиме....затоа што на овие прашања сега никој не сака да даде подробен одговор и да каже отворено каде е црвената линија?
Р.Ф.
Слично
