Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГИ СПОРЕДИВМЕ ПОДАТОЦИТЕ ЗА СИРОМАШТИЈА: Европејците се во подобра положба од Македонците, еве зошто...

ГИ СПОРЕДИВМЕ ПОДАТОЦИТЕ ЗА СИРОМАШТИЈА: Европејците се во подобра положба од Македонците, еве зошто...

Сличности, но и разлики има ако ги споредиме податоците за населението кое е во ризик од сиромаштија во Македонија и во европските земји. Стапката на сиромашно население е малку повисока во земјава во однос на Европската Унија(ЕУ), но и овде и таму, жените се малку посиромашни од мажите. Секаде има одреден процент на вработени луѓе кои се сиромашни.

Во 2024 година, 93,3 милиони луѓе во Eвропската Унија(ЕУ) биле изложени на ризик од сиромаштија и ова е еквивалентно на 21 отсто  од населението, објави Евростат. Стапката на сиромаштијата во 2024 година изнесуваше 21.9  отсто во Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС).

Ризикот од сиромаштија или социјална исклученост во ЕУ, во 2024 година, бил поголем кај жените отколку кај мажите (21,9 отсто во споредба со 20 отсто). Во земјава, сиромашни се 21.8 отсто од мажите и 22 отсто од жените.

Во рамки на ЕУ, во Чешка најмал процент од населението е во ризик од сиромаштија, односно 11.3, додека Бугарија е на другата страна на листата и лошо котира со 30.3 отсто.


Сепак, луѓето кои работеле во европските земји, велат дека сиромашниот Европеец е во подобра положба од сиромашниот Македонец, затоа што има многу можности во тие општества и ако поединецот сака да работи, лесно може да најде работа.

„Кај нас е потешко еден сиромашен да најде работа, барем така беше порано. Чешка е меѓу малкуте држави каде има најниска стапка на невработеност. Ако не работите, ќе тропнете на една врата, можеби таму нема да ве примат, но на втората врата сигурно ќе ве примат и ќе се извлечете од сиромаштија. Таму има и бездомници, но тоа се луѓе кои не сакаат да работат. Ако сакаат да работат, можат нормално, и невработеност од 2 до 3 отсто знаеме што значи во пракса. Сум бил и во фабрика каде работат лица со попреченост. Невработеноста таму не е проблем. Апсолутно таму можностите се далеку поголеми. Не е само тоа, тоа е држава што стимулира луѓе што сакаат да работат, но и социјалната помош е поголема ако не се во можност да работат од некоја причина. И свеста на луѓето како народ е поинаква. Сакаат да работат, едноставно ја сакаат работата. Чехот е способен да направи било што и нивната индустрија тоа го докажува, таму нема што не се произведува. Тие работат и затоа имаат таква држава. Веројатно тоа треба да се учи од градинка. Тоа почнува од најмали нозе, на 20 години не можете човекот да го учите на тие вредности и работни навики“, рече Борис Петрушевски, кој работел во Чешка.

Холандија и Словенија исто имаат добри резултати како и Чешка, односно кај нив во ризик од сиромаштија се околу 16 отсто. Хрватска е во полоша состојба од Словенија со резултат над 20 отсто.

„Мислам дека е тешко и во Македонија и во Хрватска за сиромашните граѓани, но во Хрватска има повеќе бенефиции од државата, тука нема дилема. Хрватот може полесно да си најде работа во Хрватска, за разлика од луѓето кај нас“, вели Македонка кој работела во Хрватска.

Во 2024 година, на ниво на ЕУ, 10,9 отсто од вработените биле сиромашни, а  во Македонија сиромашни биле  7.9 отсто од вработените.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести