„ГИ ПОВИКУВАМЕ СТРАНСКИТЕ АМБАСАДИ И ЕУ ВЕДНАШ НАЈОСТРО ДА ГО ОСУДАТ ОВОЈ ЧИН“ - Обединетата македонска дијаспора бара Владата итно да го отстрани споменикот во Сопот
Не престануваат реакциите по неодамнешното отворање на таканаречениот Музеј на жртвите во Сопот кумановско, заедно со споменик кој симболизира Голема Албанија.
Неодамна осуда пристигна и од Обединетата македонска дијаспора, која смета дека во овој случај опасно мириса на иредентизам.
Тие нагласуваат дека овој споменик, кој како што велат, е финансиран со јавни средства од повеќе од 300.000 евра, не е само дрзок приказ на иридентистичко однесување кон Македонија, туку е и значајна закана за регионалната стабилност на Балканот.
Според нив, ткн. „Музеј на жртвите“, заедно со споменикот што ја симболизира Голема Албанија, служи како болен потсетник за историските неправди и територијалните претензии, кои, нагласуваат оттаму, предизвикаа огромно страдање и поделба во регионот.
Сугерираат дека е неопходно македонската влада да заземе цврст став против ваквите провокативни дејствија, кои служат само за влошување на тензиите и попречување на напредокот кон траен мир и стабилност.
„ОМД е подготвена да ја поддржи владата во нејзините напори да се справи со оваа ситуација. Ја повикуваме меѓународната заедница, особено соседните земји на Балканот, да ни се придружат во осудата на овој споменик и да се залагаат за негово итно отстранување“, стои во реакцијата на Обединетата македонска дијаспора.
