Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ги огреа сонце и акционерите на Македонска берза! Ќе има мрсна дивиденда, колкава ќе биде?

Ги огреа сонце и акционерите на Македонска берза! Ќе има мрсна дивиденда, колкава ќе биде?

Во годината во која прометот на берзата е паднат за 42 отсто, а добивката е преполовена берзата исплаќа околу 109.000 евра на своите акционери меѓу кои најголем е Загребската берза која има 30 проценти од сите акции со право на глас

Македонската берза за хартии од вредност ќе подели по 40 евра дивиденда на своите акционери, објавено е на веб страницата на берзата. Ланската заработка по акција изнесува 67 евра. Од вкупните пари за исплата на дивиденда 82,5 отсто се од добивката за лани, а останатите 17,5 отсто се од акумулирани добивки од претходни години на единствената домашна компанија која има лиценца да управува со финансиски пазар во Македонија.

За акционерите на берзата е предвидено да се исплати дивиденда во вкупен износ од 109.000 евра. Тие пари ќе ги поделат: Шпаркасе банка, Комерцијална банка, Стопанска банка Скопје, Загребската берза, НЛБ банка, друштвото што управува со инвестициски фондови КБ Публикум инвест, ЦКБ Банка, УНИ Банка и уште неколку помали акционери. Најголеми поединечни акционери на берзата се Загребска берза со 30 отсто од акциите, Шпаркассе банка со 19,5 проценти и Комерцијална банка и Стопанска банка Скопје со по 10 отсто од гласачките права.

Вкупните приходи на берзата лани изнесуваат 896.000 евра. Според официјалните достапни информации најголема приходна ставка лани се надоместоците од тргување со хартии од вредност од кои берзата инкасирала 473.000 евра. Од котација на друштвата берзата лани собрала 135.000 евра, а 58.000 евра берзата наплатила од дистрибуција на берзански податоци. Уште 17.000 евра на берзата и легнале на сметка од наплата на објави за ценовно – чувствителни информации кои друштвата чии акции котираат на берзата се обврзани да ги објават со закон.

Значаен приход на фирмата со која долги години раководи Иван Штериев, извршен директор, се каматите и дивидендите од депозитите и вложувањата на берзата. По овие два основи берзата лани инкасирала 61.000 евра. Тука е важно да се истакне дека берзата во орочени депозити чува 813.000 евра, во удели на инвестициски фондови има 345.000 евра, во државни обврзници пласирала 500.000 евра, а нејзните акции во Централниот депозитар за хартии од вредност се проценети на вредност од 372.000 евра.

Што се однесува до расходите, најголема ставка се трошоците за вработените кои изнесуваат 303.000 евра за 2022 година. Тоа значи просечно за секој од 14 вработени берзата платила лани бруто износ од 1.800 евра месечно.

Друг значаен трошок на берзата е законскиот годишен издаток што оваа компанија го префрла на регулаторот Комисија за хартии од вредност. Минатата година се платени 130.500 евра. Во збирната ставка останати оперативни расходи се пласирани 191.200 евра.

Добивката што ја оствари берзата од своето работење лани е преполовена во споредба со претходната 2021 година. Ова е резултат на намалувањето на прометот на берзата за 42 отсто во споредба со претхоната 2021 година. Минатата година прометот на сите берзански пазари со сите производи изнесува 121 милиони евра.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести