„Ги имаме комплетните анализи и во текот на денот ќе бидат предадени на Обвинителство“. Андоновска најави нови контроли
Испитувањата на водата во Гостивар се завршени, а резултатите од анализите ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство, информираше директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Таа посочи дека биле земени примероци од четири различни места, а постапката била спроведена во најкус можен рок.
„Од ИЈЗ беше побарано од четири места да се земат примероци на вода. Постапено е најбрзо што може, денеска ги имаме комплетните анализи и во текот на денот ќе бидат предадени на Обвинителство. Се прават епидемиолошки проценки и се следи состојбата“, изјави Андоновска.
Таа објасни дека прогласувањето епидемија следува кога ќе се забележи зголемен број заболени, што бара поголема координација меѓу институциите и заедничко преземање мерки.
„Прогласување епидемија е кога ќе се забележи зголемување на бројката на заболувања. Тоа значи дека сите институции треба да бидат повеќе координирани, да имаат поголема комуникација и да се размислува за давање препораки. Ние и пред прогласувањето на епидемијата ги направивме сите активности што треба да се направат“, додаде директорката на ИЈЗ.
Андоновска нагласи дека контролите продолжуваат и дека состојбата во Гостивар останува под мониторинг.
„Апелираме Основното јавно обвинителство да ги собере сите информации и да се утврди одговорноста. Сочувствуваме со граѓаните на Гостивар“, порача таа.
Воедно Андоновска истакна дека збраната за користење на водата во Гостивар издадена од Агенцијата за храна и ветеринарство, што подразбира целосна забрана, останува во сила. Нагласи дека како Институт добиле барање за излегување на терен во четвртокот и дека тој процес воопшто не бил едноставен, ангажирани биле екипи кои зеле примероци во ноќни часови.
- Ние имаме добиено барање за излегување на терен во четвртокот и тоа не е така едноставен процес, таму треба да се пречекаат и останатите екипи. Има повеќе локации тие локации, можеби не се сите на исто место, така што сепак работата не е така едноставна за да може да се заврши така брзо. Она што е многу поважно е дека, јас навистина ги поздравувам сите оние кои биле на терен во такви услови, вечерно време и така долг процес да издржат, да бидат професионални во својата работа и да не отстапат од насоката, од задачата којашто ја добиле доследно и професионално да ја завршат работата и да се вратат со примероците. Јас ги поздравувам сите оние коишто учествувале на кој било начин во земањето на примероци тоа е многу поважно. Дали биле попречувани немам информација во моментот-кажа Андоновска.
Во однос на водата во Гостивар, Андоновска е децидна дека Агенцијата за храна и ветеринарство веќе има издадено забрана за користење на водата, што подразбира целосна забрана на користење на водата. Препораките на Институтот сè во истата насока, кажа Андоновска, и сè до моментот додека трае забраната треба да бидат почитувани сите препораки што се дадени.
- По отклонувањето на таа забрана следуваат нови препораки, но до тој момент исто така стоиме на ставот дека треба да се продолжи да се почитува насоката дадена од надлежната институција, тоа е Агенцијата за храна и ветеринарство - рече Андоновска.
Во однос на контролата на водата, директорката на Институтот рече дека водата треба да ја контролира на дневна, неделна основа самото претпријатие во Гостивар и должно е да обезбеди надворешни оператори. Андоновска соопшти дека претпријатието распишало тендер и се јавиле повеќе оператори и како економски оператор се јавил Институтот за јавно здравје кој добил само две посети.
Во однос на прашањето за клиничката слика, директорката на ИЈЗ рече дека е широка и симптоматска и може да опфати повеќе заболувања. Појаснувајќи што значи присуство на фекални бактерии и доколку водата е консумирана од граѓани, хипотетички тогаш сликата, вели таа, може да биде полесна, но и да има и посериозни компликации.
- Доколку, хипотетички зборуваме, во една вода се најдат фекални бактерии т.е. колиформни бактерии и таа вода се утврди дека е консумирана од страна на одредени лица, можат да се јави симптоматологија од ваков тип како што имаат. Но, тоа е една широка лепеза на клиничка слика така што можат да се јадат вакви стомачни проблеми, како што имаат во моментот граѓаните на Гостивар, а тоа може да помине и со полесна клиничка слика, но може тие ентероколити да резултираат и со одредена дехидратација т.е. компликација и да доведе до дехидратација - рече Андоновска.
Фото: Принтскрин/Јутуб
