ГЕВГЕЛИЧАНЕЦ САКАЛ ДА ПРОФИТИРА: Лажел дека е роднина на повредено лице oд Кочани
Гевгеличанец сакал да профитира од трагедијата која се случи во март во Кочани.
Б.Т.(46) од Гевгелија ја искористил трагедијата за да измами 52-годишна жена, претставувајќи се лажно како полициски службеник и роднина на наводно повредено лице.
Настанот се случил на 31 март околу 20 часот во скопската општина Гази Баба. Според пријавата, измамникот ѝ рекол на жената дека повреденото лице од Кочани било згрижено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и дека сега се наоѓа во дом во Гази Баба. Тој побарал од жртвата пари за да купи спрејови за повредениот роднина. За да му помогне, таа му дала пари, но откако не добила фискална сметка, сфатила дека е измамена и случајот веднаш го пријавила во полиција.
„Откако успеал да ѝ извлече 3.000 денари под изговор дека ќе купи медицински спрејови, бил фатен и уапсен од полицијата во Скопје“, соопшти полицијата.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава. Откако се случи пожарот во Кочани со 59 жртви, имаше повеќе случаи кога измамници се обидуваа да профитираат.
