Героски прашува дали Заев му се заканува и бара извинување
Шокиран сум од изјавата на премиерот Зоран Заев, пишува на својот Фејсбук профил новинарот Бранко Героски по изјавата на Заев дека нема да дозволи криминалци, суетен новинар и еден педер да ја урнат Владата.
Героски пишува дека особено е изненаден затоа што тој со половина од „криминалците" што ги спомнува бил во директна или посредна комуникација.
"Педерот" што го спомнува го крунисаа тој и неговите министри и градоначалници. Дали кога вели "еден суетен новинар" мисли на мене? Ако мисли, нека собере храброст тоа јавно да го каже. И прашувам јавно - дали тоа Зоран Заев мене ми се заканува?
Како и да е, барам премиерот Зоран Заев веднаш јавно да се извини за оваа срамна, крајно безобразна и дискриминирачка изјава, од која извираат нетрпеливост, закани и говор на омраза. Очекувам јавноста, институциите што се овластени да ги штитат граѓаните од дискриминација, новинарските здруженија и претставниците на меѓународната заедница да ја осудат оваа скандалозна изјава на премиерот Заев“, наведува Героски.
Заев денеска го искоментира случајот „Рекет“ за кој засега осомничени се Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец, за изнудување пари од бизнисмени.
