Економија, финансии, бизнис

Контакт

Германски „нафтен принц“: Како млад претприемач заработи стотици милиони од руската нафта

Германски „нафтен принц“: Како млад претприемач заработи стотици милиони од руската нафта

Германскиот трговец со нафта Кристофер Епингер за само неколку години успеа да ја претвори глобалната енергетска криза во лично богатство. Додека западните компании се повлекуваа од рускиот пазар по почетокот на војната во Украина, тој го искористи создадениот вакуум и заработи стотици милиони евра.

Денес 31-годишниот бизнисмен живее луксузно, меѓу Дубаи, Њујорк и Азурниот Брег, без да крие дека токму трговијата со нафта била клучот за неговиот успех.

Епингер е роден во Германија, во семејство со потекло од поранешниот Советски Сојуз. Уште од млад бил фасциниран од нафтената индустрија, инспириран и од популарната серија „Далас“. По студиите по економија, наместо класична кариера, се насочил кон бизнисот со нафта во Казахстан, каде брзо ги остварил првите значајни приходи. Сепак, неуспешен договор речиси го довел до финансиски колапс.

Пресвртниот момент дошол во 2020 година, кога се преселил во Дубаи и повторно влегол во енергетскиот бизнис.

Војната како бизнис-можност

По руската инвазија врз Украина во 2022 година, голем број западни компании како BP и Shell се повлекоа од рускиот пазар, отворајќи простор за помали трговци. Епингер го искористил тоа, тргувајќи со нафта која често се „мешала“ во Обединетите Арапски Емирати, со што формално се губело нејзиното руско потекло.

Во периодот од 2022 до 2025 година, тој тргувал со околу 3,3 милиони тони нафта, со вкупна вредност од околу две милијарди долари, остварувајќи профит од приближно 250 милиони долари.

„Сè беше според правилата“

И покрај критиките, Епингер тврди дека работел во рамки на законите и ограничувањата за цената на руската нафта.

Сите се однесуваат како да не користат руска нафта, но таа и понатаму циркулира – изјавил тој, додавајќи дека нема морални дилеми.

Критичарите, пак, сметаат дека станува збор за искористување на геополитичка криза од која многумина трпат последици.

Нови планови и пазари

По излегувањето од трговијата со руска нафта на почетокот на 2025 година, Епингер се насочува кон нови пазари. Неговата следна дестинација е Гвајана, земја која по откривањето на нафта во 2015 година бележи силен економски раст.

Тој планира да инвестира околу 60 милиони евра во инфраструктура и индустрија, вклучително и производство на асфалт, со долгорочна намера повторно да се врати во енергетскиот сектор.

И покрај контроверзиите, Епингер останува доследен на својот пристап, истакнувајќи дека бизнисот со енергија за него е повеќе од работа – тоа е страст.

Тпортал

Слично

Поврзани вести