ГЕРМАНИЈА, ШВАЈЦАРИЈА, СЛОВЕНИЈА, АВСТРИЈА: Какво ни е миграциското салдо со овие земји?
Дури и да не ги проверуваме статистичките податоци, свесни сме дека во развиените европски земји се иселува нашето население, а мал е бројот на луѓето кои од тие држави се доселуваат овде. Податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) укажуваат дека тоа е така. Миграциското салдо покажува дека голем број наши граѓани се иселиле во Германија, Словенија, Австрија, Швајцарија и други држави во Европа.
Во 2023 година, според податоците на ДЗС, во Германија се иселиле 749, а се доселиле 99 луѓе. Во истиот период во Италија се иселиле 136 наши граѓани, а се доселиле само 22 луѓе. Во Словенија се иселиле 124 наши граѓани, а оттаму овде се доселиле само 12. Во Австрија отишле 96, додека од оваа земја кај нас се доселиле 18 луѓе. Во Белгија се отселиле 35, а се доселиле само 15 луѓе. Во соседна Бугарија се отселиле 51, а се доселиле 12. Во 2023 година, во Франција се иселиле 34 македонски граѓани, а оттаму ни се доселиле 21. Во Норвешка се отселиле 23, а се доселиле 3.
„Јасно е гледајќи ја ситуацијата политичка, економска, правна, целата ситуација, да можат и постарите би се иселиле. На вести сѐ е негативно, криминал, а позитивни вести ретко слушаме. Луѓето се разочарани од институциите и бараат начин да се снајдат, каде што имаат познати, каде што можат да им помогнат, за визи, мислам дека не бираат држава, само сакаат да се иселат. Сметам дека најквалитетните луѓе се отидени во странство“, вели Татјана Стојановска-Филиповска, социолог.
Миграциското салдо покажува дека 26 наши граѓани се преселиле во Холандија, а овде се доселиле 10 граѓани од таа земја. Во Чешка се иселиле 23 македонски граѓани, а само двајца чешки граѓани се доселиле во Македонија. Во Швајцарија се отселиле 237, а 25 швајцарски граѓани се доселиле во Македонија. Во Шведска има 33 отселени во 2023 година, а 18 се доселени. Во Австралија се отселиле 72, а се доселиле 32 луѓе.
Поголем број на доселени во Македонија има од Турција, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина(БиХ), Русија, Украина, Белорусија, Србија, Црна Гора и други. Помал е бројот на Македонци кои заминуваат во овие земји за разлика од доселените кои се побројни.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
