Герасимовски: Поставени столпчиња на улица „Костурски херои“ за подобрување на сообраќајот, ги слушаме граѓаните
Општина Центар постави столпчиња на улицата „Костурски херои“ кај Буњаковец со цел подобрување на сообраќајот и поголема безбедност на граѓаните.
Со поставувањето на столпчињата, Општина Центар го реши проблемот со непрописното паркирање на автомобили и таксисти на улицата „Костурски Херои“ кај Универзалната сала. Со оваа мерка, улицата стана функционална, подобрена е безбедноста на пешаците и овозможен е непречен проток на сообраќајот и слободното движење на граѓаните.
„Оваа идеја произлезе од барањата на центарци во рамки на караванот „Се гледаме во маало“, каде што граѓаните активно учествуваа со предлози и идеи за подобрување на населбите во кои живеат. Со поставувањето на столпчињата на овој дел од Буњаковец, покажуваме дека го слушаме гласот на граѓаните и ги реализираме нивните барања. Ветивме и реализиравме“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Од општината најавуваат дека ќе продолжат со спроведување на вакви мерки на територијата на општината со цел уредување на јавниот простор, подобрување на сообраќајот и зголемување на безбедноста на сите граѓани.
Фактор веќе објави за оваа сообраќајно решение кое го пофалија жителите од околинте зградби, бидејќи се растерети гужвата која се правеше поради непрописно паркираните возила.
