По реакција на поголем број на родители, наши граѓани, по последните немили настани изминативе неколку денови и неколку недели, во координација со МВР одлучивме да се засилат полициски присуства во Општина Центар, истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на заедничка изјава за медиумите со портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски.
„ Вечерва со МВР договоривме засилено полициско присуство за да ја зачуваме безбедноста на децата и граѓаните. Насилничкото однесување во општината е силен аларм не само за институциите туку и за нас родителите. Затоа упатувам апел и до родителите будно да ги следат децата и работат со нив на превенција од насилство, алкохолизирање и најважно злоупотреба на дрога која е огромна опасност кај младите. Воедно ги охрабрувам граѓаните поактивно да пријавуваат и алармираат можни нарушувања на јавниот ред и мир во МВР.
По однос на пријавата за присуство на педофил и други девијантни однесувања од малолетници вчера вечер одржав средба со поголем дел на родители чии деца учат во ОУ „Коле Неделковски“ на која договоривме потпишување на петиција до ресорните министерства за внатрешни работи, труд и социјална политика и за образование и наука поради загриженоста за безбедноста на децата во реонот на Дебар Маало.
Безбедноста на граѓаните е императив за општината“, напиша Герасимовски на фејсбук.
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски информираше дека МВР презема низа мерки и активности за зголемување на безбедноста на граѓаните и дека се работи на превентивен, но и на репресивен план и рече дека според статистиките сето тоа дава резултати.
-Во првите осум месеци од оваа година имаме намалување на криминалитетот за 10,6 проценти во однос на првите осум месеци од минатата година. Но се разбира продолжуваме со интензивни мерки и активности за да ги подобриме и овие бројки, изјави Ангеловски.
Герасимовски и Ангеловски заедно посетија неколку точки каде што се поставени припадници на полицијата коишто се дел од овие засилени контроли како и неколку точки во оваа Општина кои се попосетени од страна на граѓаните.