Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГЕРАСИМОВСКИ НА КОРМИЛОТО НА СОВЕТОТ ЗА СТАТИСТИКА – Собранието бира нови членови од редовите на повеќе институции

ГЕРАСИМОВСКИ НА КОРМИЛОТО НА СОВЕТОТ ЗА СТАТИСТИКА – Собранието бира нови членови од редовите на повеќе институции

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски ќе биде идниот претседател на Советот за статистика на Република Северна Македонија. Со новиот предлог за разрешување на досегашните членови и претседател, се прави замена на постоечкиот тим со нов, кој ќе се состанува еднаш месечно и ќе носи одлуки кои се од советодавен карактер за Државниот завод за статистика.

Герасимовски доаѓа на предлог на ЗЕЛС, а како што истакнува му претставува чест што ќе се најде на чело на тело кое е оформено на иницијатива на неговиот татко, поранешниот директор на ДЗС Дончо Герасимовски.

-  На предлог на ЗЕЛС јас ќе бидам дел од советот, заедно со уште 13 члена и директорот на ДЗС членува во телото. Овој совет пред се има советодавна улога и ја следи работата на заводот за статисика. За мене е чест што ќе бидам дел од ова тело, не очекувам дека ќе биде било каков товар иако како градоначалник по цели денови имам активности. Но, бидејќи советот се состанува еднаш месечно, може да се комбинира со мојата сегашна функција – вели Горан Герасимовски за Фактор.

Тој истакнува дека новата функција поврзана со Заводот ја доживува лично бидејќи негова прва работа била во ДЗС како анкетар, а со оглед дека неговиот татко беше исто така долги години дел од заводот, како и негов директор, сегашната функција му претставува чест.

-  Последниве десетина години работев дејности поврзани со анкети, но во приватен сектор. Долги години бев во Државниот завод за статистика, но одтаму заминав во приватен сектор, па сега градоначалник на Центар. Не очекувам да ми одзема многу време оваа активност, пред се зошто телото има советодавна улога – појаснува Герасимовски, кој дополни дека тој заедно со градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски се дел од советот на предлог на ЗЕЛС.

Покрај Герасимовски во ова тело ќе се вклучат и Илир Селмани, државен советник за економски ситеми во Собранието. Потоа Бари Исени, раководител на сектор трезор во Министерството за финансии. Лилјана Тодорова доаѓа од Народната банка, каде е заменик директор на Дирекцијата за статистика. А во тимот ќе биде и Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на општина Кисела Вода.

Владанка Трајковска, претседателка на организацијата на работодавачи на Македонија станува дел од ова тело на предлог на Економско – социјалниот совет. Нов член ќе биде и Јасмина Чаушоска, соработничка во Македонскиот центар за меѓународна соработка. Сашо Деспотовски доаѓа од Стопанската комора на Македонија, Орце Симов од Сојузот на стопански комори на Македонија, а Мендерес Кучи на предлог на Стопанската комора на Северо-западна Македонија.

На предлог на Економскиот факултет доаѓа Марија Трпкова Несторовска, Анета Цекиќ ќе членува на предлог на Институот за социолошки  и политичко правни истражувања и Иван Радевски од Институтот за географија на Природно – математичкиот факултет на предлог при Универизитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Согласно законот за државна статистика, Советот за статистика е составен од претседател и 13 членови кои ги именува и разрешува Собранието, и тие имаат мандат од четири години. Законот утврдил дека во Советот се бираат лица на предлог на повеќе институции, поточно на предлог на Собранието, Министерство за финансии, Народна банка, Заедница на единици на локална самоуправа – ЗЕЛС, Економско-социјалниот совет, невладини организации, стопанските комори и научни институции.

Во советот членува и директорот на Државниот завод за статистика, а како што е посочено на веб страната на ДЗС ова тело расправа за појдовните основи на Програмта, дава мислење по предлог за донесување на Програмата, како и сугестии и предлози во однос на методолошките основи на статистичките истражувања на Заводот и на овластените носители. Предлози за измени и дополнувања на Програмата до Заводот, мислење за предложените измени и дополнувања на Програмата, како и мислесе за Годишниот извештај на Заводот за реализација на Програмата. Потоа мислење и предлози по закони и други прописи од областа на државната статистика, предлага модернизација и рационализација на државната статистика, предлага унапредување на меѓународната соработка во областа на статистиката.

П.О.

Слично

Поврзани вести