Герасимовски: Годинава доделени 140 субвенции за велосипеди, заврши повикот за субенции
Во рамките на проектот „Цел Центар на точак,“ Општина Центар додели вкупно 140 субвенции за оваа година: 110 за нови велосипеди и 30 за електрични велосипеди и тротинети.
Аплицирањето за субвенции за купување велосипеди, е- велосипеди и тротинети е завршено, но повикот за субвенционирање дополнителна опрема останува отворен до исцрпување на средствата или до 31.12.2024 година.
Секој полнолетен граѓанин имаше право на еднократна субвенција во висина од 30% од цената, но не повеќе од 3.000 денари.
„Овој проект не само што го олеснува секојдневието на жителите на Центар, туку и го подобрува квалитетот на живот со промоција на здрави навики и алтернативни начини на транспорт. Секој нов велосипед и тротинет значи помалку сообраќаен метеж и повеќе слободни паркинг места. Продолжуваме со поддршката за сите кои се дел од оваа позитивна промена,“ порача градоначалникот Герасимовски.
Центар е првата општина во Македонија која, на барање на граѓаните, воведе субвенции за дополнителна опрема за велосипеди, електрични велосипеди и тротинети.
