Георгиевски, Жерновски и Адеми во Баку „ќе го спасуваат“ Охрид
Македонија е во непосредна опасност да го изгуби единствениот локалитет – Охридскиот Регион, заштитен како природно и културно наследство од светско цивилизациско значење од само 38 вакви во светот. Македонија, Мексико и Бангладеш од денеска се во светскиот фокус како неодговорни земји што своето културно и природно наследство го запуштија и уништија до тој степен, што најверојатно ќе бидат тргнати од светската листа на културно наследство на УНЕСКО.
Делегација на Владата на Република Северна Македонија ќе учествува на 43-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан, а министерот без ресор Едмонд Адеми, заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски ќе се обидат да „го одбранат“ Охрид од санкционирање.
Георгиевски же го презентира планот и веќе преземените мерки за заштита и унапредување на статусот на Охрид како Светско културно наследство. „Напоменав и уште еднаш потенцирам дека ништо нема да се случи преку ноќ ниту пак ќе биде едноставен овој процес. Ги повикувам јавно, сите политички чинители, граѓанскиот сектор и медиумите активно да се вклучат во овој процес. Сите да си го одработиме тоа за што сме одговорни, затоа што во залог не е само Охрид туку и функционалноста на политичкиот систем во државата“, објави претходно Георгиевски.
За време на 43-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО , Владата на Република Северна Македонија ќе го нагласи и афирмира ставот дека e комплетно посветенa на зачувување на статусот на Светско културно наследство на Охридскиот регион, кој не ѝ припаѓа само на Северна Македонија, туку на целиот свет, гласи и ставот на владината делегација.
Делегацијата ќе оствари средби и со колегите од Република Албанија, во насока на заедничко делување и управување со Охридското Езеро и неговотo опкружување.
