Георгиевски: ВМРО-ДПМНЕ влегоа во конфронтација со албанските партии и меѓународната заедница
Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски во Топ тема на Телма изјави дека ВМРО-ДПМНЕ влегоа во конфронтација со албанските партии и меѓународната заедница.
Тој вели дека во неговото владеење многу покултурно ја бранеле Македонија за разлика од денес.
Објаснува дека снимките од „крвавиот четврток“ ги гледал повеќе пати, но препознал само неколку лица. Смета дека тие луѓе треба самите себе да се прашаат каде биле толку години, каде биле во 1991 или 2001 година и како тоа попат кај нив се разбудил патриотизмот. Георгиевски вели дека на некој начин сите помогнале во устоличувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Јас си го земам делот од својата вина, меѓутоа треба и другите да си ја земат“ - вели тој.
Тој рече дека му е жал за атмосферата која ВМРО-ДПМНЕ ја создава во последните 3 месеци. Смета дека ВМРО-ДПМНЕ требале мирно да ја изиграат работата.
За идејата за Голема Албанија, Георгиевски смета дека таа идеја е жива и дека таа агенда ќе се тера и во иднина.
