Георгиевски: Досегашната власт насекаде има свои структури, промените нема да бидат брзи и лесни
Досегашната власт насекаде има свои структури - во МВР, бизнисот, судството, медиумите, вели лидерот на ВМРО-НП и поранешен премиер, Љубчо Георгиевски за Дојче Веле.
Во таква ситуација промените нема да бидат ни брзи ни лесни, смета тој.
Поранешните сопартијци на Никола Груевски, а денес лидери на опонентски партии - Љубчо Георгиевски, Љубе Бошкоски и Стојанче Ангелов, од следната недела почнуваат активности за подготовка за локалните избори. Вчерашната средба на оваа лидерска тројка предизвика големо внимание, со оглед дека се одржа во време кога нивната поранешна партија ВМРО-ДПМНЕ е пред големи искушенија и потреба од внатрешни реформи, па многумина ја протолкуваа како почеток на офанзива за трансфер на членството кое е разочарано од Груевски - во редовите на коалицијата „ВМРО за Македонија“.
Георгиевски, вели дека тоа не било нивна цел.
„Разговаравме за подготовките за наредните локални избори, кога и да се одржат тие. Сакавме да дадеме нов импулс во јавноста за претстојните активности. Ние остануваме носители на изворните идеи на ВМРО, јавноста и натаму ќе не препознава по тоа, а Коалицијата е отворена за сите што тие идеи ги почитуваат и ги поддржуваат“- изјави Георгиевски.
Георгиевски не сака да ги коментира внатрешните состојби во ВМРО-ДПМНЕ, која се уште рефлектира партиска монолитност, но и голема затвореност, но како погрешни ги оценува нејзините чекори во изминатиот период.
