Економија, финансии, бизнис

Контакт

Георгиевска: Завршува агонијата за 3000 стечајни работници но, продолжува стечајната борба

Георгиевска: Завршува агонијата за 3000 стечајни работници но, продолжува стечајната борба

“Исправена е голема неправда која со години им се нанесуваше на стечајните работници. Но мора да одиме до крај кога и последниот стечаен работник ќе биде обештетен” - вели за Фактор, Лилјана Георгиевска, претседателка на здружението на стечајни работници УНИТ. Таа ја поздравува последната владина одлука со која вкупно 3.000 стечајни работници ќе бидат обештетени со новиот Предлог – Закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, во јавноста познат како ,,Закон за стечајци’’. Според предлог Законот овие лица месечно ќе добиваат по 7.596 денари, за што се обезбедени средства во Буџетот.

“Одлуката е добра и ја поздравуваме, да се згрижат околу 3000 стечајни работници е голема работа. Но овде не смееме да застанеме, ќе бараме начин  преку менување на членови во законот да се згрижат сите оние кои ќе останат. Куманово беше  економски град  кој заврши со околу 1200 стечајци кои  се регистрирани во здружението. Ова е голем спас за стечајните работници кои повеќе од 15 години беа практично на улица. Во законот убаво стои од 1995 година, па замислете што значи толкав период да се снаоѓате како знаете и умеете.Некои земаа социјална помош по 2000 денари што не им стигнуваше за леб и лекови. Ова е голем спас за оваа категорија на работници кои ги создаваа тие фабрики, кои својата младост ја оставија таму и накои  ни одбиваа од плата за здравство, школство,спорт, социјално”- вели Георгиевска.

Да се биде стечаен работник во Македонија како што раскажува  е вистинска ноќна мора. Таа станала стечајка на 48 години. Вели  за законот биле млади, за ново вработување биле стари. Па така,  практично останале на улица.

“Останавме стечајци во најпродуктивни и најубави години. Јас останава стечајка на 47 години од ЗИК сточарство  и преработка Кланица. Страшно е со тие години да одите на улица. Кога почнавме своите права да ги бараме на протести имаше силни притисоци и работодавачите не сакаа, стравуваа да не вработат да не им ги затворат фирмите. Бевме како бележани. Многупати сме собирале по десет, дваесет, педесет денари за најзагрозените стечајци кои немаат да си купат ниту лек, ниту храна. Сами меѓу себе си помагаме. Јас со години укажував дека е голема смртноста кај оваа група граѓани поради големи стресови, немаштија. Ние сме преполовени. Од 3000 стечајни работници скоро половината починаа од мозочни и срцеви удари. 600 отидоа во инвалидска пензија, а мала бројка од околу 200 лица отидоа во редовна пензија”- додава претседателката на Здружението на стечајни работници.

Последиците од долгогодишната агонија на стечајците  според неа сеуште силно се чуствуваат. Многу семејства завршиле како социјални случаи, други немале пари да ги школуваат децата иако биле првенци на генерации.

“Децата на многумина не можеа да продолжат со школување бидејќи немавме пари . Во времето на транзицијата ние бевме најпогодени. Ние сме навистина за гинис како успеавме да се снајдеме. Последиците се страшни, се појави семејно насилство од голема немаштија, болести и малкумина слободно велам се при здрав разум. Додека десет години минатата власт трошеше за непродуктивни трошоци и луксузни годишни одмори дел од стечајците немаа  ниту во леѓен да стават вода. Околу 200 беа исклучени од струја. Баравме начин преку ЕВН на рати да можат да плаќаат, па некако  се најде решение. Никој од работниците не сака нешто бесплатно, туку редовни примања со кои ќе може да си ги подмири сметките. Градоначалникот на Куманово ни излезе во пресрет да ги ослободи најзагрозените од сметките за вода и комуналии”- додава Георгиевска.

Народните пари според неа треба да се дадат на народот, преку социјални трансфери, за работниците, за  лицата со посебни потреби.

“Страшно е што немаме стабилен синдикат. Синдикатот е социјален партнер на власта,  а не се грижи за правата на работниците. Секоја власт мора да знае дека ќе биде добредојдена кај народот ако се грижи за обичниот граѓанин, за работникот, да му обезбеди пристоен живот.Ние сме пресреќни. Им порачувам на стечајните работници да не стравуваат бидејќи ќе се бориме  да не остане ниту еден кој нема да биде згрижен до пензионирање. Мислам дека ќе остане мала бројка за која ќе бараме решение преку разговори со оваа влада и ресорното министерство кое очекуваме целосно да го реши проблемот на стечајците”- порачува претседателката на УНИТ.  

Со измените на Законот за стечајци се опфаќаат невработени лица на кои им престанал работниот однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата после 1 јануари 1995 година, а заклучно со 31 декември 2016 година.За да го оствари правото на надоместок на лицето треба работниот однос  да му престанал заклучно со 31 декември 2016 година;Ова право ќе го добие и ако остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година и кое по остварувањето на правото на паричен надоместок не било вработено на неопределено време, односно работниот однос не му престанал по негова волја и вина.Со ова законско решение, според Министерството за труд и социјална политика, се дава можност за материјално обезбедување на поголем број стечајни работници.


Слично

Поврзани вести