ГЕОРГИЕВ ОД БРИСЕЛ: Бугарија е доследна, проширување ќе има само ако се почитуваат договорите
Бугарскиот шеф на дипломатијата, Георг Георгиев, од Брисел, изјави дека извештаите на Европскиот Парламент(ЕП) не се обврзувачки и не можат да ја заобиколат волјата на земјите-членки.
„Секоја земја-кандидат мора да ги исполни условите што сме ги поставиле. Бугарија е доследна, проширување ќе има само ако се почитуваат договорите. Никој не може да ја заобиколи преговарачката рамка од 2022 година“, рече Георгиев.
За тоа дали има очекувања од утрешното гласање во Комитетот за надворешна политика на ЕП, Георгиев остро возврати.
„Ние не се мешаме како некои наши југозападни соседи. Не е коректно политичари однапред да знаат каков ќе биде исходот“, додаде Георгиев.
Министерот дури и ги прозва европратениците кои, според него, ја „инструментализираат“ дебатата во Брисел и се обидуваат да ја преформулираат вистината за идентитетот и јазикот. Бугарија бара Македонија да ги внесе Бугарите во Уставот.
