Генетика, умереност во сé и избегнување на стресот – тајните на долговечноста: д-р Методи Чепреганов, единствен во земјава со 63 монографии
Иако има 86 години, невропсихијаторот-епилептолог проф. д-р Методи Чепреганов е сѐ уште активен во својата професија. Во својот компјутер има заведено илјадници пациенти и води детална грижа за секој од нив. Забележителна е и неговата виталност и позитивен пристап кон животот. Тајната за договечноста ја поврзува со генетиката како основа на сé.
- Втората тајна е умереност во сѐ. Сѐ што правите треба да биде умерено. Третата е да избегнувате стресови или состојби кои го воспалуваат организмот. Тие прават дисбаланс на хормоните и психосоматски болести. Тоа е најголемиот проблем на цивилизацијата и на македонскиот народ. Македонскиот народ живее во пролонгирана стресогена состојба – вели професорот.

Д-р Методи Чепреганов максимално се посветува и на пишувањето. Наскоро ќе објави три нови книги - за патологијата која што е врзана исклучиво за мозокот. Со нив, вкупната бројка на објавени дела на 86-годишниот македонски и светски признат експерт за болести на мозокот ќе биде 65. Сите се од областа на неврологијата и епилептологијата. Факт кој зборува многу за неговата успешна работа, но и го издвојува како единствен во земјава со толку напишани дела.

