Генчовска вели дека треба да почне процес на осовременување на наставните програми во Македонија
Бугарската шефица на дипломатијата, Теодора Генчовска е оптимист за напредок, но инсистира на почитување на правата на Бугарите во Македонија.
„Бугарската страна бара целосна примена на Договорот за добрососедство и соработка од 2017 година, како и почитувањето на правата на Бугарите во Македонија“, вели Генчовска за БНР.
Рече дека бугарската страна ќе се држи и до ставот да се постигне напредок и во работата на Мешовитата историска комисија по изготвувањето календар за заедничко чествување на личности од заедничката историја за кои веќе е постигната согласност, односно за Цар Самоил, за светите Кирил и Методиј, Св. Климент и Св. Наум.
Вели дека треба да почне процес на осовременување на наставните програми во Македонија.
Тимовите на министерствата за надворешни работи го потврдија ангажманот за поддршка на активен дијалог насочен кон изнаоѓање на заемно прифатливи решенија за клучните теми од билатералната политичка агенда, информираат од МНР.
Денеска во Софија се одржа четвртата рунда експертски разговори меѓу тимовите на министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Република Бугарија, ангажирани во дијалогот по трн. пакет на политички прашања.
Како што соопштија од МНР, средбата поминала во конструктивна и отворена атмосфера, а разгледани се последните предлози испратени минатата година од страна на Република Северна Македонија во одговор на предлозите на бугарската страна претставени на третиот круг експертски консултации кои се одржаа во септември 2021 година во Скопје.
