ГАШИ ПУШТЕН НА ДОМАШНО ЛЕКУВАЊЕ: по дводневниот престој на Клиниката за дигестивна хирургија се огласи на социјалните мрежи
Претседателот на Собранието Африм Гаши по дводневен престој на Клиниката за дигестивна хирургија денеска е пуштен на домашно лекување.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието информираат дека тој ќе продолжи со своите институционални активности во согласност со медицинските препораки.
- Во врска со загриженоста за здравствената состојба на претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја информираме јавноста дека по краткиот дводневен престој на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија и по спроведувањето на сите потребни медицински прегледи, здравствената состојба на претседателот е добра и стабилна.
Денес, Гаши е отпуштен од болница и ќе продолжи со своите институционални активности во согласност со медицинските препораки - стои во информацијата од Кабинетот на претседателот.
Оттаму изразуваат благодарност до директорот на Клиниката и до целиот медицински тим за професионализмот, грижата и посветеноста покажани за време на лекувањето.
По отпуштањето на Гаши од болница, и самиот со пост на социјалните мрежи се заблагодари до тимот на клиниката каде беше сместен.
- Неколку дена по мојот престој на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, денес се чувствувам добро и, откако беа извршени сите потребни прегледи, отпуштен сум од болница. Благодарение на Бога мојата здравствена состојба сега е стабилна.
Најпрво, чувствувам внатрешен порив длабоко и искрено да им се заблагодарам на сите кои се погрижија за мене во овој период.
Посебна благодарност до директорот на клиниката, проф. д-р Огнен Костовски, до лекарите, медицинските сестри и до целиот здравствен персонал кои ме третираа со професионалност, посветеност и хуманост.
Исто така, од срце ви се заблагодарувам на сите вас, пријатели, колеги, сограѓани, претставници на институции и медиуми за убавите зборови, за бројните пораки и постојаниот интерес. Вашата грижа беше дополнителна сила за моето закрепнување.
Се враќам повторно на извршување на јавните должности, свесен за одговорностите што ги носам и исполнет со љубовта што ја добив. Срдечно Ви благодарам! - напиша Гаши на Фејсбук.
