Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГАШИ: Патриоти се тие кои го почитуваат своето знаме, но и знамето на другите

ГАШИ: Патриоти се тие кои го почитуваат своето знаме, но и знамето на другите

Спикерот Африм Гаши вели дека газењето на туѓо знаме е спротивно на државните интереси. 

Гаши ги осуди постапките поврзани со вчерашните настани кога, како што кажа, беа палени и газени државни знамиња и напомена дека тоа е во спротивност со државните и националните интереси на секоја етничка заедница. 

Тој оцени дека патриоти се тие кои го почитуваат своето знаме, но и знамето на другите, а според него треба да се истражи кој стои зад ваквите настани, но како што рече, не верува дека зад ова има политичка заднина.

„Ако е несовесно однесување на одредени граѓани, тие треба да понесат одговорност и секој да одговора за постапките. Никако не е дозволено да се гази, навредува и повредува туѓо знаме, туѓ симбол на друга заедница која било да е таа“, изјави претседателот на Собранието.

Гаши во коментарот испрати и порака до граѓаните да ги почитуваат симболите на државата и законите, меѓу кои и употребата на албанското знаме.

„Сите кои сакаат дестабилизација во државата, не им посакуваат добро на својата нација и својот народ, а потоа и на државата. И затоа повикувам на освестување“, рече Гаши.

Според него, потребно е унапредување на државата со зачленување во Европската унија, подигање на степенот на меѓусебна толеранција и унапредување на меѓуетничките односи. Гаши рече дека треба да се работи во насока на зближување и градење на мостови и унапредување на државата.

Полицијата уапси осум луѓе за сквернавењето на македонското знаме. 

Повеќето партии го осудија инцидентот. 

Слично

Поврзани вести