Гаши: Изразена е потребата од воведување отворени листи во изборниот модел, при што постојат аргументи и „за“ и „против“
Собранискиот спикер Африм Гаши е за отворени листи.
„Сè поизразена е потребата од воведување отворени листи во изборниот модел, при што постојат аргументи и „за“ и „против“, изјави денеска Гаши.
Гаши нагласи дека лично ја поддржува идејата за отворање на листите, оценувајќи дека граѓаните треба да имаат можност, покрај партијата што ја составува листата, директно да изберат и пратеници по свој избор.
„Мислам дека така ќе се зголеми демократичноста и дигнитетот на пратеникот. Пратеник кој ќе дојде од десетто или дваесетто место на листата, нема да биде таму само по заслуга на лидерот, туку со гласовите на граѓаните. Тогаш неговата одговорност не е само кон партијата, туку и кон граѓаните“, рече Гаши.
Тој додаде дека ова прашање треба отворено да се дискутира и дека веќе постои работна група која работи на изборниот модел, повикувајќи на храбар пристап кон отворање на листите.
фото Фејсбук/Африм Гаши
