Гаревски: Висококатниците на Танге се измислица
Искусниот сеизмолог Михаил Гаревски за „Скопско ехо“ изјави дека не се точни констатациите дека култниот проектант Кензо Танге иницирал изградба на висококатници на простотор на големиот паркинг спроти ГТЦ, односно хотелот „Холидеј Ин“.
Претходно 24 Вести објави дека државата веќе ја продала атрактивната локација на приватен инвеститор, а градоначалникот Саша Богдановиќ изјави дека не е сигурен дали ќе никнат 60-катници на тој простор, или пониски објекти, но дека таква замисла имал и јапонскиот архитект.
– Последните настапи на надлежните потврдуваат дека работите се прават така како што им одговара на оние што сакаат да градат, како што им одговара на градските и општинските власти. Се очекува, очигледно, добар профит од сето тоа. Тоа ќе биде на штета на граѓаните на Скопје, но и на државата. Мене ми е смешно повикувањето дека и Кензо Танге во својот проект за Скопје таму предвидувал висококатници. Прво, градоначалникот на Центар се повикува на планот на Танге од кој што е значително, значително е отстапено во обновата на градот. Градски ѕид не е како што треба, требаше да има коридор кон Железничката станица… Малку е задржано од планот на Танге за да сега некој се повикува на него - вели поранешниот директор на реномираниот скопски Институт за земјотресно инжењерство и сеизмологија
Смета дека концентрацијата на движење во Центар ќе се зголеми за 30 отсто кога тој проект и оној на „Лимак“ зад Рамстор мол ќе бидат готови.
