Ганиу: Нападот врз Арсовска не е поврзан со Општина Чаир, не е инволвиран наш вработен
Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу негира поврзаност со нападот врз скопската градоначалничка Данела Арсовска. Преку Фејсбук, го осуди нападот.
„Општина Чаир најостро го осудува инцидентот што се случи помеѓу градоначалничката на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, и неколку лица на територија на Општина Чаир. Ваквите дејствија се неприфатливи и претставуваат сериозно нарушување на нормите на однесување во едно демократско и цивилизирано општество. Сметајќи дека е важно јавноста да биде точно информирана, ја појаснуваме фактичката состојба – настанот воопшто не е поврзан со нашата институција. Ниту еден вработен или функционер на Општина Чаир не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото на настанот“, напиша Ганиу.
Тој посочи дека Општината останува посветена на зачувувањето на јавниот ред, почитувањето на институциите и унапредувањето на соживотот меѓу заедниците.
„Во тој контекст, постапувањето останува во надлежност на соодветните институции, кои согласно своите процедури, ќе делуваат со внимание и одговорност, во насока на расветлување на настанот и зачувување на јавниот ред и мир“, вели Ганиу.
Полицијата пак, го расчистува случајот, додека од Обвинителството кажаа дека се уште немаат добиено пријава.
