(ГАЛЕРИЈА) ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА ГО ПОМИНА И ВТОРОТО ГЛАСАЊЕ: Опозицијата повторно ја игнорираше ратификацијата
Договорот од Преспа кој го потпишаа Македонија и Грција го помина и второто гласање во Собрание.
69 пратеници гласаа „ЗА“ додека еден беше воздржан.
Опозицијата не беше дел ниту од денешното гласање за ратификација на договорот со кој се стави крај на деценискиот спор со соседна Грција.
ВМРО ДПМНЕ преку соопштение до медиумите обвини дека носењето на законот за договорот е грубо кршење на правните прописи.
„Денес власта преку незаконска процедура, со грубо кршење на правните прописи, сама го носи договорот со Грција кој во својата суштина е противуставен и во спротивност со државните и национални интереси.
Со тоа што се прибегнува кон груба злоупотреба на прописите, злоупотреба на европското знаменце само за да овој штетен договор се донесе, е јасен показател дека власта, парламентарното мнозинство и премиерот Заев се свесни за неговата штетност и деструктивност, но и покрај тоа сакаат да го донесат овој договор.
Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да биде соучесник во капитулацијата, во кршењето на процедурите, напротив ние жестоко се противиме на сето ова“, соопштија од опозицијата.
Од таму образложија дека ВМРО-ДПМНЕ одлучиле да не присуствуваат на денешната седница каде се носи „незаконски и неуставен договор кој преставува деградирање на македонските граѓани и е во спротивност со највисоките државни и национални интереси“.
