Гаџовски: Иванов го прекрши Уставот за да излезе во пресрет на стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ
Политикологот Митко Гаџовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа вели дека повеќе од очигледно е дека претседателот Ѓорѓе Иванов го прекрши Уставот со тоа што не им даде мандат на оние коишто имаат обезбедено 61 пратеник во Собранието.
„Тоа го прави единствено и само од причина да излезе од пресрет на стратегијата којашто ВМРО-ДПМНЕ ја реализира во овој момент, а тоа е да не се дозволи демократски избраните претставници на парламентарните избори да го формираат Собранието, а со тоа и да се формира новата влада на Република Македонија. Сметам дека овој чекор на претседателот Иванов придонесе за продлабочување на кризата во којашто се наоѓа Македонија и исто така сметам дека со тој чекор, тој на некој начин е и соучесник на сето она што се случува во изминатиот период“ - изјави Гаџовски.
За евентуални санкции смета дека тоа ќе биде последниот чекор којшто би го направила меѓународната заедница пред Македонија да стане тотално изолирана земја, а најголемата штета ќе ја доживеат граѓаните.
