Габриела на 22 години има над 124.000 евра заштеда: Една одлука на 18 години ѝ го променила животот
Многумина веруваат дека за да заштедите значителна сума пари потребни се децении работа, но 22-годишната Габриела Годард е доказ дека дисциплината, паметните финансиски одлуки и дополнителниот ангажман можат да донесат импресивни резултати уште во младоста.
Иако од својата редовна работа заработува околу 41.000 евра годишно, младата консултантка од Англија веќе има нето богатство од повеќе од 124.000 евра.
Клучната одлука ја донела на 18 години, кога наместо да запише факултет избрала платена стручна програма и веднаш почнала да штеди поголем дел од своите приходи. Уште од првата плата издвојувала околу 60 проценти од заработката за штедење и инвестирање.
Покрај редовната работа, Габриела започнала и сопствен бизнис со креирање содржини и управување со профили на социјалните мрежи за мали компании. Денес од тој дополнителен ангажман заработува околу 5.850 евра месечно.
„За време на пандемијата почнав да учам за инвестирање преку социјалните мрежи. Барав книги за инвестирање за роденден и за Божиќ и постепено почнав да вложувам сѐ повеќе“, вели таа.
Во моментов има околу 82.000 евра во инвестиции, од кои приближно 27.000 евра се заработка од растот на вложувањата. Дополнително располага со околу 15.000 евра фонд за итни случаи и околу 27.000 евра во пензиски фонд.
Габриела сè уште живее со родителите и плаќа симболична кирија од околу 235 евра месечно, што дополнително ѝ овозможува да инвестира голем дел од приходите. Секој месец издвојува помеѓу 940 и 1.170 евра за инвестиции и штедење.
Иако многумина ја прашуваат кога ќе купи сопствен дом, таа засега нема такви планови.
„Не сакам целосно да ги потрошам инвестициите и заштедите за куќа за која потоа можеби нема да можам ниту да ја опремам“, објаснува младата Британка.
Нејзината порака до младите е едноставна: да не се плашат од инвестирањето, да се информираат и да започнат со помали износи.
„Овие пари не ми беа подарени. Зад нив стојат многу работа, жртви и откажувања од бројни викенди и вечери“, вели Габриела.
Извор: The Sun