Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФЗO: Болниците навремено да се снабдат со хелиум

ФЗO: Болниците навремено да се снабдат со хелиум

Кофликтот на Блискиот исток влијae не само преку зголемување на цената на нафтата, туку и на повремени доцнења во јавните набавки на специфични медицински потрошни материјали кои доаѓаат од азиските пазари. Цената на хелиумот по конфликтот на Блискиот исток е во постојан раст. Бидејќи гасот е неопходен за работа на апаратите за магнетна резонанца, од Фондот за здравствено осигурување со апел до сите здравствени установи да ја проверат состојбата со хелиум и да извршат навремена набавка.

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) упати итно предупредување до јавните здравствени установи во Македонија кои располагаат со апарати за магнетна резонанца да направат проверка на своите резерви на хелиум и навремено да обезбедат дополнителни количини. Причината е можен прекин во снабдувањето на европскиот пазар, како и значителен раст на цените поради актуелните геополитички тензии поврзани со ситуацијата во Иран.

Според надлежните, хелиумот е клучен елемент за функционирање на апаратите за магнетна резонанца, бидејќи се користи за ладење на суперспроводливите магнети. Без него, уредите не можат да работат, што би можело да доведе до прекин во дијагностичките услуги за пациентите.

Како што информира директорот на ФЗО, Сашо Клековски, апелот е превентивен и има за цел навреме да се избегнат можни проблеми во функционирањето на здравствениот систем. Тој посочи дека е важно установите да направат проценка на состојбите и да реагираат додека хелиумот сè уште е достапен на пазарот.

Во моментот, цената на хелиумот е зголемена за околу 30 проценти, а постојат најави дека може дополнително да расте. Проблемите во снабдувањето се поврзуваат со нарушувања во глобалните синџири на испорака, делумно предизвикани од конфликтите и штетите на инфраструктурата во регионот на Персискиот Залив.

Хелиумот е редок гас со екстремно ниска температура на вриење од околу -269 степени Целзиусови, што го прави незаменлив за одржување на стабилна работа на МР апаратите. Еден апарат за магнетна резонанца може да користи и до околу 1.700 литри течен хелиум за оптимално функционирање.


Слично

Поврзани вести