Функционерите на ДУИ бараат побрзо отворање на аеродромите и границите
Владините функционери на ДУИ, помалиот коалиционен партнер во власта, претпладнево засилено бараат отворање на границите и аеродромите без ограничувања за македонските државјани.
„Време е да ги отворите аеродромите и границите без ограничувања!“, напиша Бујар Османи, вицепремиерот за евроинтеграции, на својот профил на Фејсбук.
„Она што го зборуваме, тоа го правиме! Нема ограничувања за пристигнувањето на емигрантите во родното место“, дополни Крешник Бектеши, министерот за економија. Засега владините функционери не најавуваат кога Владата ќе ја донесе оваа одлука.
На вчерашниот состанок на Комисијата за заразни болести се разговарало за процесот на отворање на границите, односно за тоа каков предлог да дадат до Владата, бидејќи ова е една од последните рестриктивни мерки за која се очекува наскоро и да се укине.Што се однесува, пак до отворањето на двата аеродроми во нашава земја, односно во Скопје и во Охрид, од Комисијата за заразни болести потврдуваат дека за ова воопшто не станало збор.
