Функционер во алкохолизирана состојба удрил во автомобили и побегнал
Според очевидци вечерва по полноќ владин функционер со џип марка туарег со скопски регистарски таблички удрил неколку паркирани автомобили на улицата Алжирска во Карпош во Скопје.
Од полицијата е пристигната потврда дека туарег се судрил со неколку паркирани возила и дека увидот е во тек на улицата Алжирска веднаш зад зградата на скопскиот Катастар. Во туарегот бил и заменик министер, но по удирањето тој се оддалечил од местото и полицијата го бара. Во туарегот покрај заменик министерот имало уште едно лице, девојка која останала на местото на удесот, која најверојатно е сопатничка. Туарегот според првичните сознанија е автомобил на Агенцијата за вработување, пренесува Телма.
Во првичната пријава за сообраќајката било наведено дека функционерот бил пијан и си заминал од местото. Полицијата проверува дали се точни овие наводи и дали сообраќајката се случила од невнимателен возач под дејство на алкохол.
