ФУНКЦИОНЕР НА НАТО: Северна Македонија во НАТО влезе под уставното име и тоа е името под кое се претставува
Од НАТО потсетуваат со кое име земјава влезе во Алијансата, откако претседателката Гордана Силјановска Давкова на инаугурацијата ја испушти придавката „Северна“.
„Северна Македонија во НАТО влезе под уставното име и тоа е името под кое се претставува“, рекол за грчката новинска агенција АНА-МПА функционер од Северноатлантската алијанса во однос на употребата на името Македонија од претседателката Силјановска Давкова, јави дописничката на МИА од Атина.
Функционерот, кој не е именуван, за АНА-МПА додал дека нашата земја е важен НАТО сојузник и „значајно придонесува за нашата колективна безбедност“.
Како пример ги споменал војниците распоредени во мисијата КФОР на Косово, мисиите во Ирак, како и мултинационалните борбени групи на НАТО во Летонија, Бугарија и Романија. Грција реагираше откако Давкова ја испушти придавката „Северна“ и повикаа земјава да го почитува Договорот од Преспа со кој се реши спорот за името.
