Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се уште непознати стадионите на кои ќе се игра контроверзниот Мундијал во Македонија

Се уште непознати стадионите на кои ќе се игра контроверзниот Мундијал во Македонија

Според последните информации, Светското фудбалско првенство на непризнаени држави што го организира КОНИФА нема да се одржува на националната арена „Тоше Проески“, но ќе им претставува трн во окото на странските дипломати и натаму затоа што натпреварите ќе се играат на други стадиони во Македонија.

„Ќе го објавиме нашиот распоред за натпревари и списокот на стадиони многу брзо“, гласи последниот одговор за „Фактор“ од КОНИФА за Мундијалот на непризнаени држави од ОН и заедници на народи кои не се државотворни.

Според одговорот кој го добивме од Министерството за надворешни работи, велат дека  „не се информирани од страна на надлежните институции и асоцијации или пак федерации за одржување на ваков вид на настан во Република Северна Македонија“.

Според тоа, Курдистан, Јужна Осетија, Дарфур и другите фудбалски селекции кои ќе земат учество натпреварите ќе ги играат на други стадиони низ земјата со кои стопанисуваат други субјекти. Ждребката за групите е веќе одржана и познати се натпреварувачите, но не и тоа каде и кога ќе се одржуваат.

Конфедерацијата на независните фудбалски асоциации (КОНИФА) објави дека Светското фудбалско првенство на непризнаени земји ќе се игра во Македонија од 30 мај до 7 јуни.

КОНИФА е Конфедерација на независните фудбалски асоцијации, во која членуваат земји, заедници и региони кои не се признаени како членки на Светската фудбалска федерација (ФИФА) ниту од Обединетите нации (ОН).

Претходно, Јон Фрчкоски, директор во секторот за правни и општи работи во АД за Стопанисување со станбен и деловен простор, ги дематираше пишувањата во некои македонски медиуми дека на Арената „Тоше Проески“ во Скопје ќе се игра Светско фудбалско првенство на непризнаени држави и малцински заедници.

– Ниту сме имале, ниту имаме навестување за барање за одржување на вавков настан на Арена „Тоше Проески“. По шпекулациите во дел од медиумите во врска со овој настан, разговарано е во нашето претпријатие и заклучено дека немаме интенција да го отстапиме стадионот на користење за фудбалски натпревари на било кој субјект, освен на македонски екипи и се разбира на репрезентацијата, изјави Фрчкоски.

Дипломатски гледано, останува спорно во меѓународните односи одржувањето на овој настан токму во Македонија.

A.K.

Слично

Поврзани вести