ФРЛАМЕ СТАР ЛЕБ, ПРЕЗРЕАНИ БАНАНИ И ДРУГИ НАМИРНИЦИ: Како да ги искористиме и да заштедиме пари?
Во земјава
често се говори за тоа дека граѓаните фрлаат храна, а со тоа губат и пари во
домашниот буџет. Од остатоците од храната може да се подготват брзи и лесни
рецепти. Може да се направи чај од корите од калинка, кубети од стар леб, супа
од остатоци од зеленчук, ќофтиња од дршки од брокула и слично.
Блаже Јосифовски, претседател на организацијата „Биди зелен“ вели дека проект „Вкуси го отпадот“ е инспириран од апсурдната ситуација каде што големи количини на храна се фрлаат секојдневно, додека од друга страна, многу граѓани во Македонија се соочуваат со сиромаштија и глад. Со оваа иницијатива, сакаат да влијаат на свеста и навиките на граѓаните, но и на рестораните, за поодговорно управување со храната.
„Да, фрлањето храна е значаен проблем, не само во однос на отпадот, туку и на непотребното трошење на ресурси и пари. Споделуваме секојдневни рецепти кои секој може да ги направи дома со намирници кои често остануваат неискористени, како леб, овошје и зеленчук. Овие рецепти помагаат да се минимизира отпадот и притоа овозможуваат заштеда во домашниот буџет. Нашите рецепти се насочени кон лесна и практична употреба на остатоци од храна, создавајќи вкусни оброци кои можат лесно да се направат дома. Еден од омилените примери е реупотребата на стар леб за правење домашни крцкави крутони или употребата на презрели банани за брз и здрав десерт. Рецептите можат да се видат во видеата на нашите социјални медиуми и јутјуб канал. Очекуваме дека со оваа иницијатива значително ќе се намалат количините на храна која завршува како отпад. Соработуваме со ресторани и преработувачки капацитети како „Биокосмос“ и „Маркт Органик“ за да ја прошириме оваа свест и да направиме позитивна промена во заедницата“, вели Јосифовски.
Објаснува дека најголемиот предизвик е убедувањето кај граѓаните дека немаат доволно време за да реупотребуваат храна и организираат оброци. Но, оние кои го прифаќаат овој начин на готвење вели дека брзо сфаќаат дека не само што заштедуваат, туку и придонесуваат кон одржливо живеење. Одличниот одзив на видеата, според Јосифовски покажува дека јавноста е подготвена за промени.
„Во иднина, планираме да продолжиме со ширење на иницијативата, вклучувајќи повеќе медиуми и платформи за да допреме до поширока публика. Дополнително соработката ја прошируваме со угостителски објакти на кои им помагаме директно да го намалат својот отпад, но за тоа во некоја наредна прилика. Сакаме да ја видиме оваа иницијатива како дел од културата на секојдневно живеење, каде фрлањето на храна ќе биде сведено на минимум“, додава Јосифовски.
Секој поединец во земјава, според Извештајот за индексот на фрлена храна на ОН, во просек фрла околу 83 килограми храна годишно.
Сања Атанасовска