Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ФРЧАТ“ ОГЛАСИ: Oва се топ три најбарани професии во Македонија

„ФРЧАТ“ ОГЛАСИ: Oва се топ три најбарани професии во Македонија

Продавачи, општи работници и хигиеничари се трите најбарани занимања во Македонија.

Овој податок е од Агенцијата за вработување. Во земјата сега се бараат над 300 продавачи, повеќе од 280 општи работници и најмалку 400 хигиеничарки, според објавени огласи за работа.

Трговија на големо и мало е сектор број еден според бројот на слободни работни места кои се повеќе од 1.400 во државата.

„Кои профили ќе бидат барани зависи од сезоната. Од март – април веќе почнуваат да се бараат работници за туризам, потоа има период од годината кога се бараат општи работници, но доста барани се и инженерските струки, менаџери, сметководители. Се бараат комерцијалисти, продавачи за во салон, но и ИТ кадрите се барани на пазарот на труд во Македонија“, велат од приватна агенција за посредување при вработување во Скопје.

Од агенциите за посредување при вработување во внатрешноста на земјата велат дека трговијата на големо и мало е распространета и нормално е да се бараат продавачи.

„Кај нас има многу маркети, продавници, бутици. На секој маркет или продавничка стои натпис дека се бараат работници. Многу често на овие позиции се вработуваат и луѓе со факултет, колку да не седат дома, но понатаму си го бараат спасот во странство“, додаваат од агенција од внатрешноста.

На листата на најбарани професии на четврто место се келнерите, потоа следат шивачите и такси возачите. Зад нив се програмерите, возачите на камиони, кројачите, обезбедувачите, шанкерите и други.

„Со оглед на квалитативните очекувања од образовниот систем, намалени критериуми во системот на оценување, примена на образовни системи без прилагодување спрема наши услови, не согледување на објективните потреби од висококвалитетни кадри по подрачја на образование,  поинакво толкување на знаењето како најважна клетка на образовниот систем... доведува до низа девијации во системот на вработување. Еклатантно се зголемува  квантитетот во однос на квалитетот на образованието и неговата продукција. Оваа диспропорција ескалира преку некомпатибилност на системот за вработување со образовниот систем. Се појавува девијација помеѓу: огромен број на дипломирани, магистрирани и докторирани студенти и неможност за апсорбирање на толкав број стручни лица од страна на стопанскиот систем, од една страна. Од друга страна се појавува дефицит на некои кадри кои ги наведувате: општи работници, хигиеничари и слично. Зошто? Затоа што овие работи не ги работат високо образовните  лица освен кога истите ќе се најдат под  економска принуда. Статистиката покажува: држави кои имаат најголем број на образовани лица имаат најголем процент на невработеност“, вели професорот Маријан Стевановски.

Тој наведува дека како голем проблем се појавува и одливот на високообразовните лица. 

„Се разбира оние најквалитетни, кои заминуваат во другите држави. Тој процес претставува одлив на знаење, одлив на човечки потенцијал кој претставува важен стопански ресурс. Процесот треба да се гледа комплексно. Не треба да се изврши фокус само врз еден сегмент туку глобално врз сите елементи кои го сочинуваат системот образование и системот вработување“, додава Стевановски.

Скопје, Тетово, Штип, Охрид, Куманово се градови каде има најголем број на слободни работни места гледано по центри. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести