Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФРАНЦУСКИОТ АМБАСАДОР ВО ЗЕМЈАВА: Нашиот интерес е да не дозволиме Русија да ја добие војната во Украина

ФРАНЦУСКИОТ АМБАСАДОР ВО ЗЕМЈАВА: Нашиот интерес е  да не дозволиме Русија да ја добие војната во Украина

Новиот француски амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер во интервју за МИА изјави дека  соработката меѓу Париз и Скопје постоеше и пред пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, а членството во Алијансата обезбедува дополнителна рамка за соработка и солидарност во областа на одбраната.

„Северна Македонија, која сега треба да ги исполни капацитетните цели што произлегуваат од нејзината обврска во НАТО, може да се потпре на своите односи со Франција и нејзината воена експертиза за модернизација на својата Армија, особено во рамки на Договорот за соработка во одбраната, потпишан на 14 октомври 2022 година. Набавката на системите „Мистрал“ е конкретен пример за силните врски меѓу нашите две земји“, вели Ле Риголер.

Тој додава дека НАТО-сојузништвото е рамка која нуди можност и за засилен политички дијалог. Амбасадорот честиташе на Радмила Шекеринска за функцијата во НАТО, заменик на генералниот секретар. 
„Треба да се потсетиме на очигледното. Украина е жртва на руската агресија, мотивирана од империјалистички проект и дестабилизација на европскиот континент. Затоа, мораме да продолжиме да ѝ помагаме на Украина, а Франција е благодарна за помошта што ја дава Северна Македонија. Нашиот интерес, без оглед на идната американска позиција, е да не дозволиме Русија да ја добие војната, бидејќи тоа би ги довело во прашање границите на суверените држави од страна на империјална и експанзионистичка сила. Работиме во интерес на мирот во Европа и стабилноста во светот преку поддршката за Украина“, вели Ле Риголер.
Македонија во повеќе наврати донираше воена опрема за Украина. Американскиот претседател Доналд Трамп кој во јануари ќе стапи на функцијата, велеше дека за 24 часа може да ја заврши војната во Украина. 

Слично

Поврзани вести