Францускиот амбасадор Тимоние: На луѓето им се овозможи слобода на говорот
Земјата што ја напуштам се наоѓа пред своевиден предизвик, да обезбеди реална политичка, економска и социјална конвергенција со Европа којашто се наоѓа во процес на изградба, а со цел да се искористат најдобрите придобивки. Тоа е голем предизвик и чест за сите коишто од 2004 и 2016 година овозможија да се стигне до него, вели во интервју за Економија и бизнис, Кристиан Тимоние, амбасадор на Франција во Македонија во заминување.
Во услови на пандемија, вели Тимоние тоа е удар и за Македонија и тој удар е изразен на економски, социјален и психолошки план. Додава дека тоа може дури да влијае и на генерацијата што расте, поради промените во образовниот систем и социјализацијата. „Опасноста може да дојде од процесите на радикализација, повлекување во себе и замрзнување на активностите на сите полиња. Треба да ја поздравиме одлучната реакција на ЕУ заснована врз една поширока солидарност. Од своја страна, државите мора сериозно да се подготват, да преминат од фазата на добри намери кон изнаоѓање вистинска внатрешна методологија, кон мобилизација на сите капацитети и на целата енергија надвор од какви било политички афинитети. За да извојува победа, потребно е да се создаде атмосфера на заедничко дејствување што ги исклучува систематското спротивставување и стерилниот реваншизам. Франција се залага, во рамки на разговорите што се водат во Брисел, за тоа придобивките да бидат поконкретни, доколку критериумите бидат побрзо исполнети. Ние мора да обновиме одреден оптимизам заснован врз успесите кон кои секоја земја треба да се стреми, вели Тимоние.
Тимоние го завршува свој мандат овде и во интервјуто вели дека имал привилегија да претстави земја и шеф на држава кои се свесни за своите историски одговорности во спроведувањето на изградбата на независна и суверена Европа, како и за зачувување на меѓународниот систем кој нема да се раководи единствено според законот на посилните.
„Благодарен сум за довербата што ми беше укажана и навистина ме трогнаа сведоштвата за тоа колку е ценета нашата активност, пред сè од тие на коишто нашата искреност би можела да не им се допадне; Тоа беше и наш начин да учествуваме во враќањето на слободата на говорот, што е неспорно достигнување на промените. Кога на луѓето ќе им се овозможи слобода на говорот, тогаш таа придобивка има моќ да предупреди, да убеди и да поттикне дебати, ако се спроведува умешно и добронамерно, вели амбасадорот.
