Францускиот амбасадор го пофали Агим Нухиу за расчистен инцидент на Парадата на гордоста
Кристијан Тимоние, амбасадорот на Франција во Скопје, го пофали заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу дека со свој личен ангажман расчистил инцидент на денот на одржувањето на првата Парада на гордоста во Македонија на 29 јуни.
„За другото сакам само да кажам дека во одредени области го поздравувам и напредокот кој е постигнат особено во Министерството за внатрешни работи, знам дека заменик-министерот Нухиу е мошне претпазлив, особено за почитување на владеењето на правото, сум го видел јас за време на еден инцидент, за време на Парадата на гордоста и видов како поради неговиот личен ангажман докажа дека сега се свртени нови страници во менталитетот и ми останува да се надевам дека сето тоа ќе се зајакне“, рече Тимоние, одговарајќи на едно од новинарските прашања во последното интервју за РСЕ.
Дипломатот најверојатно мисли за инцидентот во Сарај, каде 30-годишниот Ј.А. беше приведен по напад врз ЛГБТИ активисти, односно на активистот од Тетово, Беким Асани. Според неофицијални информации приведениот му ја искинал маичката на Асани и го удрил со тупаница. Шестмина активсти биле претходно вербално навредувани.
