Француски „Ла кроа" пишува дека Македонија конечно ќе го преброи населението
Дека во Македонија ќе се одржи попис, пишува и францускиот демохристијански весник „Ла кроа".
Пописот, што не се одржуваше 19 години поради политички тензии, сега, според парискиот весник, конечно треба да се одржи во април, откако на 21 јануари со тесно мнозинство е донесен Законот за попис, јави дописникот на МИА.
Весникот пишува дека сега никој не може да даде точен број за тоа колку жители има земјата. Се наведува дека официјалната бројка што ја прикажува македонскиот Завод за статистика од 2,07 милиони жители е тотално виртуелна.
Според новинарката на „Ла кроа", Мари Вердие, операцијата наречена „попис" е многу чувствителна, ако не и експлозивна. Законот што го организира беше изгласан на 21 јануари со тесно мнозинство, со 62 пратеници од 120. Пратениците на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ, од своја страна, го бојкотираа гласањето. И велат дека сакаат да организираат петиција за укинување на законот. Тие ја обвинуваат Владата на Зоран Заев (коалиција на социјалдемократи со партијата на албанското малцинство) дека сака да го фаворизира ова албанско малцинство, наведува весникот.
Понатаму весникот дава објаснување на контекстот во којшто се одржуваа пописите во земјата, наведувајќи дека „според Охридскиот договор од 2001 година, со кој се стави крај на албанското востание, Уставот гарантира права за застапување на малцинството на национално и општинско ниво, кога тоа претставува 20 отсто од населението. Пописот од 2002 година утврди дека Македонците претставуваат 64 отсто од населението, Албанците 25 отсто, а остатокот го сочинуваат неколку малцинства, особено Роми и Турци." Токму влогот за процентот на албанското малцинство, а со тоа и за споделувањето на власта, кое беше исполитизирано до крајност и го предизвика неуспехот на пописот во 2011 година, оценува „Ла кроа".
Во земјава, опозицијата бара електронски попис, а премиерот Зоран Заев рече дека дел од процесот сепак ќе се направи на тој начин.