Фракцијата на ВМРО-ДПМНЕ смета дека ЕУ ја понижи Македонија
Вчерашниот ден беше уште еден понижувачки ден за Република Македонија. Европската Унија по којзнае којпат ја понижи Република Македонија со одлуката преговорите за членство да почнат дури во јуни 2019 година. За да ставиме крај на идните дополнителни самопонижувања, потребна е итна оставка на владата на Зоран Заев и распишување нови избори, е ставот на ВМРО ДПМНЕ- Демократска фракција.
Во соопштението се додава дека „Демократската фракција на ВМРО ДПМНЕ и сите чесни и искрени вмровци се згасени од вчерашната изјава на нелегитминиот и наметнат лидер Мицкоски, како и од немањето конкретен став по ниту едно прашање. Откако ,,вмровците по професија и потреба” го слушнаа условниот датум за отпочнување преговори, побрзаа и ,,целосно” да застанат зад одлуката на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да не ја потпише ратификацијата на договорот со Грција.
Досега молчеа, кокетираа и манипулираа со јавноста и членството и потајно го молеа Господ претседателот Иванов да ја потпише ратификацијата, во обидот да не се замерат со меѓународната заедница. Во преден план им беше исполнување на цензусот за референдумот, односно исполнување на условите од договор Заев – Ципрас, а притоа да останат со ,,чисти раце”. Полна им беше устата со флоскулата. ,,Не го менуваме Уставот поради промена на името”, а потајно посакуваа и работеа на промена на името и заштита и пазарење за оние кои ги донесоа на партискиот врв, се истакнува во соопштението.
Во него се додава дека на „ВМРО и на Македонија им е смачено од вакви ‘,пресметливи’ политичари со двојни и тројни аршини во зависност од дневно-политичките потреби. На ВМРО и вмровците потребно им е ново и легитимно партиско раководство избрано од членството кое има свои принципиелно зацртани црвени линии и ставови за заштита на државата, името на државата и националните интереси. На вистинските вмровци побитна им се државата и народот отколку удобните државни фотелји, потребно им е раководство што ќе застане пред народот, а не да се крие од него“.
