ФОТОГАЛЕРИЈА: „ФРОСИНА МОЖЕШЕ ДА БИДЕШ И ТИ, ОДГОВОРНОСТ ЗА СУДИЈКАТА“ - река млади луѓе протестира за изгубениот живот како последица на системот
„Фросина можеше да бидеш и ти“, „Не е несреќа, туку убиство“, „Обвинители = соучесници убијци“; „Врските не враќаат човечки живот“.

Ова се само дел од транспарентите кои ги испишаа младите луѓе, но и други протестанти кои денеска дојдоа кај Силбо, а потоа се движеа и кон Собрание и кон Кривичен суд, со цел да изразат голем револт од настанот од предминатата ноќ, кој згасна млад човечки живот, а кој можеби и можел да се спречи, доколку системот функционирал како што треба, и младиот човек сторител на делот бил во затвор за претходни дела кои ги извршил.

Нашиот Вангел Тануровски направи одлична збирка на фотографии кои доволно зборуваат за граѓанскиот бес и горчина за нефункционирањето на целиот систем, кои доведуваат до вакви немили настани.
Сите што дојдоа на овој протетст истакнаа едно клучно барање кое се повторува по кој знае кој пат, а тоа е правда за сите жртви од сообраќајни незгоди. На булеварот се собраа многу млади, но и повозрасни граѓани кои бараат да се расчисти овој случај.
Како што е познато, младата надежна дизајнерка Фросина од Неготино беше прегазена додека поминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, во близина на пекарницата „Силбо“.
Граѓани во колона чекаа ред за да запалат свеќи пред фотографијата на Фросина.
На протестот се бараше зголемено полициско присуство на улиците, да се вратат позорникарите и да се казнат виновниците за овој случај – од обвинетиот до обвинителите и судиите кои го ослободувале младиот возач за претходните дела.
Фотогалерија
