(ФОТО) Законот за амнестија не помина по брза постапка, против гласаа пратеници од власта
Собранието не го прифати предлогот по скратена постапка да се донесе законот за амнестија. На гласањето за потребата од негово носење „против“ гласаа 66 пратеници, „за“ 17, а тројца „воздржани“.
Претходно министерот за правда Кренар Лога овој предлог го бранеше со пренатрупаноста во затворите и нехуманите услови. Министерот пред почетокот на седницата им подели на пратениците фотографии од состојбата во затворите.
Вчера заменичката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ од Охрид и индиректно кажа дека СДСМ се против законот кој во Влада го протурка Лога, а кој премиерот Димитар Ковачевски најпрво го поддржуваше и бранеше, но подоцна се огради поради сознанијата дека со него ќе се амнестираат и осуденици во „Монструм“.
За попладнево тројцата министри од Алијанса најавија заеднички брифинг, така што не е јасно сѐ уште како ќе реагира Алијансата за Албанците на ваквата коалициска „рампа“.
Веднаш по гласањето Лога се огласи на социјалните мрежи со коментар со кој не го криеше своето разочарување.
„Денеска Северна Македонија е понеправедна од вчера!“, искоментира кратко министерот.


