(ФОТО) Во Аеродром се руши поранешната дива игротека на „Дежаву“ кај Капитол Мол
Општина Аеродром денес започна со рушење на дивиот објект кој порано беше игротека на пица-барот „Дежаву“ кај Капитол Мол.
Од оптината информираат дека на местото повторно ќе има тревник со ново игралиште и урбана опрема.
- Општина Аеродром информира дека тревната површина до ТЦ „Капитол мол“ повторно ќе биде целосно отворена и вратена на користење на сите граѓани.

Утринава започна отстранувањето на објектот кој со години беше поставен на тревникот покрај булеварот „Јане Сандански“. Овој објект функционираше врз основа на Решение за поставување урбана опрема, издадено пред десетина години од Град Скопје, но чија важност е истечена.
Бидејќи објектот нема важечко одобрение, тој ќе биде целосно демонтиран и просторот конечно ќе се ослободи за користење. По отстранувањето, Општината ќе пристапи кон уредување на локацијата со современа урбана опрема, зелени површини и ново, модерно детско катче.

Со овој чекор, тревникот повторно ќе стане пријатно, безбедно и заедничко место за рекреација, игра и дружење - токму онака како што заслужуваат жителите на Аеродром,информира општина Аеродром.
Поранешниот локал „Дежаву“ кај Капитол Мол со години се наоѓаше на место идентификувано како дивоградба и незаконска узурпација на јавен простор.

Рано утрово, механизацијата пристигна на терен, а објектот беше целосно урнат во координација со инспекциските служби. Според документацијата, станува збор за конструкција без одобрение за градба, поставена на општинска површина наменета за пешачки и јавни содржини.
Слично
