(ФОТО) СЕМЕЈСТВАТА ГО ПРОЗВАА ОБВИНИТЕЛСТВОТО, КОЦЕВСКИ ГИ ПРИМИЛ И ИМ ОДГОВАРАЛ НА ДИЛЕМИТЕ - повикани се да се јават сите кои можат да помогнат во истрагата
По денешниот протест на семејствата на загинатите млади луѓе во пожарот во Кочани, се огласи Јавното обвинителство, информирајќи дека главниот републични јавен обвинител и надлежните обвинители оствариле средба со блиските на починатите во страотниот пожар во Кочани.
Фотографиите се на нашиот фотограф Вангел Тануровски.

А, како што можеше да се слушне на протестот, семејствата на загинатите во пожарот прстот го вперуваат и кон Обвинителството, бидејќи, како што рекоа, никогаш не реагирале по допрен глас од јавноста.

А, доколку реагирале и навреме ги спречувале коруптивните однесувања на надлежните институции и на политичарите, досега немаше да дојде до ваква трагедија од олку големи размери.
Од обвинителството јавноста ја информираат за следново.
„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и тимот обвинители кои постапуваат во предметот за пожарот во кочанската дискотека Пулс денеска се сретнаа со семејствата на жртвите и ги информираа за досегашниот тек на истражната постапка. Одговарајќи на сите поставени прашања и дилеми на блиските на починатите, обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојни распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес“, се вели во брифингот од Јавното обвинителство.
Оттаму уште и излегоа и со соопштение, со кое ги запознале и семејствата, дека обвинителскиот тим кој постапува во предметот на Основното јавно обвинителство Кочани во врска со пожарот во дискотеката Пулс продолжува интензивно да презема дејствија на распити и вештачења, од кои најголем дел од прелиминарните резултати се очекуваат во следните неколку дена.

Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области.
Во исто време, во насока на прибирање на сите докази кои можат да помогнат за целосно испитување на настанот, Јавното обвинителство упатува отворен повик до сите кои што имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот Пулс – Кочани и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата.

Имајќи ги предвид законските рокови и потребата од ефикасност на постапката, на веб страницата на Јавното обвинителство (www.jorm.gov.mk) e објавен формулар со чие пополнување тие можат да се пријават за да достават податоци и информации кои сметаат дека се релевантни за истрагата.
Пополнетиот формулар потребно е да се испрати електронски на следната наменска адреса: istragakochani@jorm.mk
Врз основа на формуларот и релевантноста на податоците подносителите ќе бидат контактирани од истражниот тим.
Фото Фактор: Вангел Тануровски