(ФОТО) Наќе Чулев на панихида за „Диво Насеље“
Во Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово, денеска се одржа панихида за осумтте загинати припадници на полицијата кои учествуваа во вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ што се случија на 9 и 10 мај во 2015-та година. Панихидата ја организираше група бранители од Куманово, а присуствуваше и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
„Денес се одбележуваат пет години од трагичното загинување на осумте припадници на Министерството за внатрешни работи во трагичниот настан кај Диво Насеље кај Куманово. Денес присуствував на панихида која се одржа во црквата Св. Никола во Куманово и положив цвеќе на спомениците кои во нивна чест се подигнати во круговите на Единицата за брзо распоредување и Единицата за специјални задачи на чии редови припаѓаа овие полициски службеници.
Најпрво како министер за внатрешни работи и како граѓанин изразувам искрено сочувство до семејствата и најблиските на загинатите припадници кои на денешен ден пред пет години ги положија своите животи во одбрана на уставниот поредок, мирот и сигурноста на сите граѓани.

Нашето општество сите негови чинители мора и се должни да извлечат силна поука од настанот во Диво Насеље: слободата, животот и безбедноста се најскапоцени вредности што сите заедно мораме да ги чуваме и негуваме. На тоа не обрврзува жртвата на нашите колеги дадена во името на иднината на сите македонски граѓани. И таа жртва не смее и нема да биде заборавена. Нека им е вечна славата!“, напиша Чулев на Фејсбук.

Во престрелките животот го загубија Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ, Горан Стојменовиќ кои посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“, а 37 припадници на безбедносните сили беа повредени.

-Група бранители секоја година организира панихида по повод загинувањето на нашите браќа бранители во 2015 во настаните во Диво Насеље. На овој начин се обидуваме да не паднат во заборав, народот да ги запомни нивните жртви, да знаат зошто загинаа, да им кажуваат на нивните деца и внуци дека за Македонија секогаш има спремни јунаци кои ќе го дадат најмилото-животот, изјави Предраг Петрушевски-Бинго од групата бранители.
