(ФОТО) НА ЧЕКОР ЛИ СМЕ ДО ВОНРЕДНА СОСТОЈБА - заседава Советот за безбедност
Во Кабинетот на Претседателот „Вила Водно“ се одржува десеттата седница на Советот за безбедност на којашто се разговара за актуелната ситуација со пандемијата на Ковид -19 на територијата на Република Северна Македонија и мерките и активностите на надлежните институции, соопштија од Кабинетот.

Премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче, советници во Кабинетот на претседателот, но и експерти се присутни на состанокот.

Како што пишуваше Фактор, највисокиот државен врв ќе разговара за актуелната ситуација со пандемијата на Ковид-19 во нашава земја и ќе одлучува за евентуални нови построги мерки и активностите на надлежните институции.

Во текот на вчерашниот ден, владините портпароли соопштија дека, по одржување на денешната средба кај претседателот, можно е до крајот на неделата Владата да одлучи да бидат воведени порестриктивни мерки
-Сите опциии за справување со епидемијата со корона кризата во Македонија се отворени. На владина седница вчера не дискутираше конкретно за прогласување на вонредна состојба, но се очекува прво да има седница Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски и исто така не се исклучува можноста до крајот на неделата Владата да има седница каде би донела други мерки за справување со ковид пандемијата, за што секако ќе информираме, потенцираше владиниот портпарол Муамет Хоџа.

Инаку, здравствените власти велат дека епидемиолошката слика во земјава постојано се следи, и се е ставено во функција на справување со корона кризата. Постојано заседава и Комисијата за заразни болести, која досега препорача низа мерки за намалување на трансмисијата на вирусот, но досега не го препорачаа полицискиот час, иако министерот Филипче неколкупати истакна дека ниту таа непопуларна мерка не е исклучена.

Според извори на Фактор дел од членовите на Комисијата за заразни болести сметаат дека веќе од пред десетина дена наназад требаше да биде ограничено движењето на граѓаните од 21 до 5 часот изутрина, но според нивните изјави, прво се дава шанса на актуелните мерки.

Истовремено пак, премиерот Зоран Заев, завчера во интервју за ТВ 21 изјави дека, и здравствените власти и воопшто Владата размислува за некаква форма на карантин, напоменувајќи дека членови од Комисијата за здравство сметат дека ако се воведува полициски час, многу подобри резултати ќе има ако движењето на граѓаните биде ограничено веднаш по завршување на работното време, односно од 17 или 16 часот, наместо навечер од 21.
Во однос пак на воведување на вонредна состојба, премиерот истакна дека на тој начин Владата ќе може да одлучува за многу важни прашања.
-Јавниот здравствен систем ги има сите капацитети и сé е ставено на располагање за справување со КОВИД-19. Сепак, во вонредна состојба државата има можност времено да национализира и сите капацитети да бидат ставени на располагање еднакво за сите граѓани, но јавниот здравствен систем е опремен и има стручни кадри за справување со оваа ситуација, истакна премиерот Заев.
