(ФОТО) „Македонија пат“ доби нови машини за чистење снег по 25 години

Од две добиени понуди, „Технокомерц“ го доби тендерот со најниска понуда, а сумата е прецизирана на 177.000.000 денари. Станува збор за 15 кипер камиони со специјална опрема за чистење на снег. Еден вреди 10.000.000 денари без ДДВ.
Моторната зафатнина на возилата ќе биде 11.000 сантиметри кубни, а максималната тежина 26 тони. Опремени се со ретардер, АБС, клима уред, помош при кочење и круз контрол. Минималниот стандард кој ќе го задоволуваат е Еуро 5. Ќе има автоматски менувач со 12 брзини напред и 3 назад. Плугот треба да е изработен од високо квалитетен челик, а расфрлувачот на сол треба да е контролиран од кабината.

Исплатата е одложена за 180 дена од приемот на механизацијата. Јавното претпријатие со години наназад ангажира приватна механизација за расчистување на снежните наноси на патиштата, а и редовно се жали дека онаа што е во нивна сопственост е амортизирана, односно дека често се трошат високи суми за набавка на резервни делови и поправки.
