Економија, финансии, бизнис

Контакт

Универзалната сала добива целосно нов изглед – избрано е идејното решение

Универзалната сала добива целосно нов изглед – избрано е идејното решение
Ќе се урива од темел и ќе се гради нова концертна сала на местото на сегашната Универзална. Таа ќе биде во форма на јајце, ќе има голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории. Идејното решение е на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, а е избрано од 10 идејни решенија пристигнати на конкурсот на Министерството за култура. Овој проект едногласно го избрала деветчлена стручна комисија, под претседателство на архитектот Вангел Божиновски, која решила и да награди пет идејни решенија. Нејзината одлука денеска на прес-конференција ја соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. „Со овој проект градот Скопје и Република Македонија ќе добијат нов, модерен објект кој ќе овозможи современи услови за одржување манифестации и настани од секаков вид. Верувам дека Универзалната сала ќе биде нов хералдички знак на градот Скопје, нов културен центар во кој секојдневно ќе се презентираат врвните културни вредности од нашата држава и од светот“, рече министерката за култура. Архитектот и претседател на Комисијата Вангел Божиновски соопшти дека на конкурсот се пријавиле автори со разновидни размислувања. За избраниот проект смета дека е голем и сериозен зафат што досега го немало во македонската архитектонска продукција. „Драго ми е што доби признание и можност за натамошна реализација едно  барокно решение, кое барокот го третира на специфичен начин, во рамките на еден модерен израз... На проектот му претстои сериозна работа понатаму за да може да се доведе во фаза на изведба“, рече Божиновски Архитектот Павлевски откри дека јајцевидниот облик на идната сала симболизира раѓање зашто во Универзална се одржале многу детски фестивали од кои изникнале многу македонски музички ѕвезди. „Понудивме современо решение со кое мислиме дека Скопје ќе добие нова репер-точка препознатлива во регионот и во Европа“, рече Павлевски. Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски на прес-конференцијата искажа задоволство што ќе почне да се реализира значаен проект за главниот град, зашто Универзалната сала, рече тој, е на работ на одржливост. Следен чекор во процесот е објавување тендер за избор на фирма-проектант која ќе го изработи основниот проект, потоа тендер за изведувач, и од целата процедура ќе зависи рокот и износот на изградба на новиот објект за кој од буџетот се наменети средства.
Слично

Поврзани вести