(ФОТО) ИСКОПАН ПОД, УКРАДЕН ЛИМ: Непознати лица ја вандализирале црквата во Матејче
Вандализиран е манастирот Пресвета Богородица во сeлото Матејче.
Од Кумановско-осоговска Епархија велат дека месецов е извршено провалување, копање на подот во манастирската црква и украден е оловниот лим од централната купола на манастирската црква Пресвета Богородица.
„Упадот е извршен со провалување во затворените простории на манастирската црква. Извршено е копање на подот на манастирската црква, кој е целосно раскопан, и извршен е ископ на голема количина на земја, при што се извадени и осквернавени посмртните останки на порано погребани лица на ова место. Исто така е причинета значителна материјална штета и кражба на оловен лим од централната купола на манастирската црква. На 6 март 2025 година член на Црковниот одбор на манастирот Пресвета Богородица го посетил манастирот и забележал дека врз заштитеното културно добро е извршен вандалски чин, на погоре опишаниот начин. За настанатата материјална штета, по службена должност, настанот го пријави до митрополијата во Куманово, како надлежен орган за понатамошно постапување“, потенцираат од Кумановско-осоговска Епархија.




Од епархијата објавија фотографии од црквата.
Во 2023 година почна реконструкцијата на објектот. Таму тогаш беше и тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.