(ФОТО И ВИДЕО) ВИСЕЧКИОТ МОСТ ЌЕ ИМА 4 ЛЕНТИ ПЛУС ПАТЕКИ: Скупи се поврзува со Илинденска за 18 месеци
Изградбата на новиот висечки мост на улицата Љубљанска во скопската општина Карпош ќе заврши за 18 месеци најави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Увид во градежните работи денеска извршија Шилегов, премиерот Зоран Заев, вицепремиерите, Артан Груби и Фатмир Битиќи, градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и претставници на ТАВ.
Со изградбата на новиот мост преку реката Вардар ќе се поврзат улицата Љубљанска и булеварот Илинден со улицата Скупи во општината Карпош. Овој прв висечки мост во Скопје е предвидено да има 4 коловозни ленти и пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Вкупната должина на сообраќајницата изнесува 940 метри, а должината на самиот мост изнесува 113 метри. Вредноста на овој договор изнесува 382,5 милиони денари со вклучен ДДВ.

„Овој мост значи спојување на градот, спојување и комуникација на луѓето, мост кој што е од многу важно значење за понатамошниот развој на градот зашто во оваа фаза од Илинденска се спојуваме на улицата Скупи, а во следната фаза продолжуваме до булеварот Словенија, за да можат граѓаните од Ѓорче Петров, од Волково и од Ново село да бидат блиску до останатиот дел од градот. Со овој мост карпошани ги поврзуваме со обиколницата, имајќи предвид каква инфраструктура гради Градот на потегот кај Момин поток. Овој мост немаше да го реализираме ако ја немавме несебичната помош и поддршка од Владата на Република Северна Македонија која со прераспределбата на средствата на ТАВ за изградба на карго аеродромот во Штип додели околу 380 милиони денари на Град Скопје за изведба на овој мост – прв висечки мост, архитектонско чудо кое што има претензија да стане ново обележје на нашиот град – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Најави дека на средината на 2023 година, мостот ќе може да се користи.
По поврзувањето со улицата Скупи се создаваат услови да се започне и третата фаза која од улицата Скупи продолжува до булеварот Словенија. На тој начин се прави поврзување и со индустриската зона Визбегово и со патот за Косово.
„Наместо фасадни
улици од гипс картон, Скопје го добива она што е првенствен интерес на граѓаните,
како што е патна инфраструктура каква што му треба и каква што заслужува една
современа метропола. Денеска сме тука за да посакаме успешна реализација на
мостот „Љубљанска“, мост кој е исклучителна потреба на граѓаните на Скопје и
кој ќе поврзе два дела од градот во кои постои огромна динамика. Ова
е уште една прилика
да им се заблагодарам на менаџерскиот
тим на ТАВ за разбирањето и за ефикасното управување со финансискиот пакет
вреден 49,7 милиони евра, со кој преку соработка меѓу Владата, ТАВ и општините
се реализираат вкупно 94 инфраструктурни проекти, вклучувајќи ја и
реконструкцијата на терминалите на аеродромите во
Скопје и Охрид – рече во своето обраќање пред присутните премиерот Заев.
